Овој Вардар не може против Веспрем, висок пораз за крај на годината

Новиот пораз на Вардар, трет во серија беше извесен уште многу рано во пресметката од 10.коло со Веспрем во групиот сегмент од ракометната Лига на шампионите. Со висок пораз од 29-38, европскиот првак ја заокружува 2019 година во елитното натпреварување.

Веспрем имаше веќе шест гола предност во 10 минута кога поведе со 2-8, потоа во средината од полувремето водеше и со 5-12. Во вториот дел од воведните 30 минути, Вардар заигра подобро, успеваше да постигне повеќе голови, но никако не успеваше да ги спречи противничките погодоци. Седум беше гостинската предност на паузата. веспрем во 18.минута остана без Мануел Штрлек кој доби црвен картон.

Второто полувреме не донесе речиси никаква промена, Вардар ниту имаше сили, ниту доволно играчи за да му се спротивствави на Веспрем. Идентични беа проблемите како и на претходните натпревари, тешко оди во обраната, голманите малку или воопшто не помагаат, реализацијата функционира на моменти. Затоа Веспрем и немаше проблеми да дојде до високата победа.

Петар Ненадиќ одигра беспрекорна партија, постигна 11 гола, девет од нив уште во првото полувреме. Павел Атман со седум  гола беше прв стрелец кај Вардар. Глеб Калараш постигна четири. И на овој натпревар, Вардар беше без Данаис Криштопанс кој беше во составот, но остана на клупата.

За Вардар ова е петти пораз вкупно сезонава, има и четири победи и еден нерешен исход. Со овој биланс на зимската пауза оди како шестопласиран во групата. Следните предизвици во Лигата на шампионите се во февруари.

 

 

Се вчитува...