Гвардиола бара наследник на Фернандињо, го најде во Шахтјор

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, се интересира за фудбалерот на Шахтјор, бразилскиот играч за врска Фред, кого го гледа како наследник на искусниот Фернандињо. Според британските медиуми, Сити ќе преговара со клубот од Украина за евентуален трансфер на нивниот играч во летниот преоден рок, а првата понуда треба да изнесува 30 милиони фунти.

Не само што Фред треба да биде наследник на Фернандињо, интересен е фактот дека тој ќе пристигне токму од клубот кој Фернандињо го напушти за да стигне до тимот на „граѓаните“. Во летниот преоден рок во 2013 година Фернандињо го напушти Шахтјор и потпиша за Сити, Фред пристигна да го пополни неговото место, а сега истото ќе го направи и во Манчестер.

Фред игра како креативец во средниот ред, а таква слична улога има и Фернандињо, иако со малку подефанзивни карактеристики. Гвардиола смета дека токму сонародникот на 33-годишниот репрезентативец сепак може да биде адекватна замена. Наводно, и Габриел Хесус и Едерсон вршат притисок на клубот да го реализираат трансферот на Фред.

Гвардиола имаше можност во два наврати да го гледа Фред во живо, Шахтјор се сретна со Сити во групната фаза во Лигата на шампиони каде поделија по три бода во два дуели (2-0 во Манчестер и 2-1 во Доњецк).

Носејќи го дресот на украинскиот првак, Фред одигра 142 натпревари на кои постигна 13 погодоци и 12 асистенции, откако пристигна во летото 2013 година.

Се вчитува...