Падерборн живее фудбалска бајка: За две години од амбисот „четврта лига“ до елитата

Супер-драматично беше во последното коло од втората германска лига, откако Падерборн и покрај поразот од Динамо Дрезден остана на второто место и обезбеди влез во елитното друштво. Со ова, продолжува фудбалската бајка на клубот кој пред две години беше блиску до преселба во четвртата лига, но не само што успеа да се рехабилитира, туку во две години ги „скокна“ пониските рангови и се врати во Бундес-лигата.

Таму Падерборн последен пат беше во сезоната 2014/15, по четири кола беше и лидер пред моќниот Баерн, но потоа почна „слободниот пад“ на оваа екипа. Веднаш следеше испаѓање во Втората лига, но Падерборн и таму се задржа само една година, па во мај 2016 година се пресели во третата лига. Финансиските проблеми прионесоа резултатите да станат се послаби, па Падерборн испадна и од овој ранг на натпреварување. На крајот, беше спасен од Минхен 1860, откако „лавовите“ беа пренесени во понизок ранг на натпреварување поради финансиски проблеми, што значеше опстанок на Падерборн со административна одлука.

И тогаш тргна пресвртот – ангажиран беше тренерот Штефан Баумгарт, кој експресно формираше нов тим, потишувајќи договор со 15 засилувања, на кои им ги приклучи тројцата најдобри фудбалери од младинската екипа на Падерборн. Резултатите експресно тргнаа на подобро, тимот се врати од третата во втората лига, но со оглед на скромниот буџет никој не очекуваше дека ќе има сила да се бори за влез во елитата.

Така и беше повеќе од половина сезона, Падерборн беше стабилен на средината на табелата, но во ситуација кога Хамбургер и Унион Берлин играа променливо, извонредните резултати од 26. до 33. коло (19 освоени бода на осум натпревари) придонесоа овој клуб да скокне на второто место. Во последната рунда Падерборн загуби од Динамо Дрезден, но Унион Берлин одигра само 2-2 со Бохум, по што не дојде до рокада на втората позиција.

Бајката на Падерборн продолжува, а од август ќе видиме дали и колку овој тим ќе може да се носи со најдобрите германски екипи. За такво нешто, сепак неопходни ќе бидат и неколку поквалитетни засилувања.

Се вчитува...