Падна „клетвата“: Партизан блесна и го совлада европскиот првак во Белград

Партизан конечно успеа да ја прекине серијата порази во Евролигата, и тоа на најдобар можен начин, со победа над европскиот шампион Анадолу Ефес со 82-79. По серијата несреќни порази претрпени во последните секунди од натпреварите, овојпат „црно-белите“ беа на висина на задачата, се вратија од двоцифрена негатива и беа најдобри кога беше најважно. Џејмс Нанели беше херојот со погодена тројка во клучниот напад, потоа и со две прецизни слободни фрлања, но и украдена топка во последниот напад за Ефес што можеше да донесе израмнување.

Тројка кошаркари на Партизан го завршија мечот со по 18 поени, покрај херојот Нанели тука беа и Егзум и Пантер, додека Лесор постигна 13 поени со стопроцентен шут. Бобуа со 30 поени беше прв стрелец на овој натпревар, но и тоа беше недоволно за европскиот првак да избегне нов пораз во Евролигата. Мициќ имаше 14 поени и шест асистенции, но целосно потфрли Клајбурн, со седум поени и шут од поле 1/7.

Басконија направи вистински подвиг откако во рок од три дена по втор пат го освои Истанбул. По победата над Анадолу Ефес, шпанскиот тим вечерва беше подобар и од Фенербахче, заслужено славејќи на гостински терен со 70-76. Како пресудно се покажа првото полувреме во кое Шпанците постигнаа дури 51 поен (33-51). Фенер во второто полувреме заигра подобро во одбраната, но потфрли нападот на избраниците на Итудис, кои по одличниот старт на сезоната сега го претрпеа третиот пораз во последните четири натпревари.

Хауард со 15 и Хенри со 13 поени беа најдобри во таборот на Басконија, додека Гудуриќ беше прв стрелец на Фенербахче со 14 поени, а Калатес имаше дабл-дабл од 11 поени и 13 скокови, надополнети со четири асистенции.

Барселона славеше на домашен терен против Панатинаикос со 74-68. Каталонците имаа водство од 43-30 по првото полувреме, ПАО предводен од Бејкон се врати во мечот, но домаќините беа доволно искусни за да не дозволат целосен пресврт на овој натпревар. Бејкон беше најефикасен на натпреварот со 19 поени, додека Весели со 15 и Миротиќ со 14 поени ги предводеа стрелците кај Барселона.

Се вчитува...