Паднаа и „кралевите“: Олимпијакос е првиот тим во Евролигата кој го победи Реал Мадрид

Кошаркарите на Олимпијакос славеа во 9. коло од Евролигата против Реал Мадрид со 88-83 и станаа првиот тим кој успеал сезонава да ги победи „кралевите“.

Реал подобро го почна мечот, но потоа Грците презедоа се во свои раце и преку убедлива игра уште во првата четвртина стигнаа до предност од 29-22. Олимпијакос на почетокот од вториот период стигна и до 32-22, но Реал со извонредна серија од 0-13 успеа да дојде до 32-35.

Сепак, грчките кошаркари во второто полувреме играа одлична одбрана, постојано контролирајќи го резултатот за сосема заслужена победа на крајот.

Василис Спанулис одигра одличен натпревар постигнувајќи 20 поени, но најефикасен со 23 поени беше Вилијамс-Гос. На спротивната страна кај Реал Мадрид најдобат беше Џеси Керол со 16 постигнати поени.

Сега единствена непоразена екипа во Евролигата е ЦСКА Москва. Реал остана на претходните осум победи. Олимпијакос, пак, дојде и до петтата победа сезона наспроти четири порази.

Се вчитува...