Палевски: Во Пролет посакуваме две победи за крај на сезоната

Ракометарите на Тинекс Пролет ги вртат погледите кон последниот домашен натпревар за оваа натпреварувачка сезона, што в недела со почеток во 19 часот ќе го играат против скопскиот ривал Бутел.

Желба на сите во стручниот тшаб и во играчкиот кадар е токму на овој дуел да се стигне до втората победа во плејофот, по онаа над Охрид исто така на домашен терен.

„Се приближуваме до крајот на сезонава и можам да кажам дека сме максимално мотивирани. Сакаме да победиме на последните две средби и да се најдеме на шестото место на табелата, кое би не однело еден шешир погоре при ждрепката за следната сезона. Навистина играме со значително подмладен состав во вториот дел од сезонава, но се уште играме квалитетен ракомет и очекувам да се радуваме најмалку уште еднаш до крајот на сезонава“, изјави Давор Палевски, левото крило кое и сезонава е меѓу најефикасните ракометари во таборот на Тинекс Пролет.

Првиот овосезонски натпревар во плејофот заврши со 23-16 за Бутел, пораз од кој избраниците на тренерот Лембанов ќе мора да извлечат поуки.

„Тоа беше меч што го паметиме по големиот број на промашени зицери. Создававме добри ситуации за гол, но голманот на Бутел имаше бројни одлични интервенции. Поуката мора да биде извлечена и верувам дека овојпат ситуацијата ќе биде сосема спротивна, ние ќе ги користиме шансите што ќе ги создаваме и со цврста одбрана на спротивната страна ќе ја осигураме победата што ја посакуваме“, вели Палевски.

Се вчитува...