Палмарсон: Секогаш е предизвик да се игра во Македонија

Ракометарот на Барселона, Арон Палмарсон е сигурен дека Македонија и Исланд ќе имаат уште еден интересен меѓусебен дуел, овој пат во Скопје, како продолжение и на сите претходно повеќе од возбудливи натпревари на двете репрезентации.

„Не се сомневаме дека повторно ќе биде интересен и возбудлив натпревар. Кога и да сме играле со Македонија последниве неколку години секогаш натпреварите се за паметење. Мора да нагласам и дека секогаш е задоволство да се дојде тука и игра во една ракометна земја, но секогаш е и тешко затоа што знаеме дека Македонија игра во одлична атмосфера со феноменална поддршка од навивачите. Но, ние сме подготвени, сега ги увидовме и грешките од дуелот од пред неколку денови и мислам дека можеме да дојдеме до победа“ – вели Палмарсон и дополнува:

„Имам навистина одлични пријатели во редовите на Македонија, како Кире и Борко… Но, 60 минути на терен го забораваме нашето пријателство, а потоа повторно знаеме и да се подружиме без никаков проблем“.

Натпреварот меѓу Македонија и Исланд од 4. коло во квалификациите за ЕП 2020 се игра вечерва од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Се вчитува...