Пандев блескаше, но Аталанта славеше пласман во ЛШ

Аталанта лесно и убедливо триумфираше на гостувањето против Џенова со 3-4, стигнувајќи до три бода со кои тимот од Бергамо на едно коло до крајот го обезбеди своето учество во Лигата на Шампионите за наредната сезона. Горан Пандев влезе во игра во второто полувреме и се запиша меѓу стрелците за Џенова, но не го расипа славјето на гостите кои повторно ќе бидат дел од елитното европско натпреварување.

Победата беше најавена на самиот почеток, Запата веќе во деветтата минута ја доведе Аталанта во водство, а Малиновски кон средината на првиот дел зголеми на 0-2. Госенс беше стрелец на третиот гол во 44. минута, со што беа ставени сите дилеми околу победникот на овој натпревар. Шомуродов на самиот почеток од второто полувреме намали на 1-3, но Пашалиќ одговори со иста мера, осигурувајќи да не дојде до камбек на домашниот тим.

Горан Пандев на почетокот од второто полувреме го замени Дестро, а во 67. минута македонскиот ас биеше прецизно од белата точка по играњето со рака на еден гостински дефанзивец. Џенова пред крајот на мечот постигна и трет погодок преку Шомуродов, асистент беше токму Пандев, но и тоа беше недоволно за домаќините да избегнат пораз.

Се вчитува...