Пандев добива помош во борбата за спас на Џенова

Џенова ја очекува жестока борба за опстанок во вториот дел од сезоната, а покрај именувањето на Давиде Никола за нов тренер челниците на клубот работат активно и на ангажман на нови фудбалери.

Тимот на нашиот Горан Пандев денеска потпиша договори со три нови засилувања, од кои едно е поранешниот прв голман на клубот, Матиа Перин. Одличниот чувар на мрежата пред две лета беше продаден на Јувентус за 15 милиони евра, но Перин никогаш не се наметна во дресот на „старата дама“. Сезонава тој беше трета опција, зад Шчешни и Буфон, па италијанскиот првак даде зелено светло за негова позајмица до крајот на сезонава.

На позајмица пристигнува и напаѓачот Матиа Дестро, кој не беше дел од плановите на Синиша Михајловиќ во Болоња, па му беше дозволено да замине во клуб каде ќе има повеќе шанси да ги покаже своите квалитети.

Пандев крај себе ќе има и поранешен соиграч од Наполи, откако денеска договор со Џенова потпиша и поранешниот швајцарски репрезентативец Валон Бехрами. Искусниот 34-годишен фудбалер за врска доаѓа како слободен играч откако во октомври го раскина договорот со екипата на Сион.

Се вчитува...