Пандев: Елиф е нашиот бисер, во иднина треба да е носителот на оваа репрезентација!

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев не го криеше задоволството од триумфот против Словенија со кој Македонија остана во трката за водечките две позиции во Групата Г за пласман на ЕП 2020. Пандев не штедеше зборови пофалби и за херојот во триумфот против Словенците, фудбалерот на Наполи – Елиф Елмас.

„Одигравме еден одличен натпревар, тактички извонреден натпревар со мирно очекување на нашите шанси. Комплетно ги затворивме Словенците во фаза на одбрана, а потоа со полуконтри и контранапади комплетно ги срушивме за сосема заслужена победа“ – изјави Пандев, притоа откривајќи го своето мислење и за „дијамантот“ на македонскиот фудбал.

„Нема што да се зборува за Елиф… Тој е нашиот најголем бисер. Тој е нашата иднина и треба и во иднина на ист начин како вечерва да биде носителот на оваа репрезентација. Но, мора да истакнам дека секој репрезентативец буквално го остави срцето на терен, а огромна поддршка имавме и од трибините. Навивачите беа наш 12-ти играч и голема благодарност за тоа!“

Се вчитува...