Пандев и Сејдини си честитаа – едниот за претседателската функција, другиот за голот против Јувентус (ФОТО)

Пред вечерашниот прв тренинг на стартот од подготовките за квалификациите за ЕП 2020, македонските репрезентативци имаа средба со новиот претседател на ФФМ, Мухамед Сејдини кој им посака успешни подготовки и позитивни резултати на натпреварите против Летонија и против Словенија.

Сејдини, првпат како прв човек на ФФМ, одржа работен состанок со репрезентативците нагласувајќи ја определбата ФФМ и во иднина да биде силна поддршка за А селекцијата на патот кон остварување на амбициите за пласман на ЕП.

„Верувам во позитивните резултати на македонската репрезентација. Искрено се надевам дека ќе продолжиме со успешните настапи од Лигата на нациите, а ние како федерација силно ќе продолжиме со поддршката на нашите најдобри фудбалери“ – истакна Сејдини.

Репрезентативците, пак, од друга страна му ја честитаа претседателската функција на Сејдини кој ги пречека капитенот Горан Пандев и Илија Несторовски откако двајцата безмалку директно од авион, нешто подоцна, пристигнаа на вечерниот тренинг на комплексот „Петар Милошевски“.

Пандев и Сејдини и меѓусебно си честитаа – првиот за изборот за претседател на ФФМ, вториот за постигнатиот гол против Јувентус во Серија А.

На тренингот единствено недостасуваше Столе Димитриевски кој од утре ќе се приклучи на подготовките на репрезентацијата.

Се вчитува...