Пандев: Имаше комбинација за Интер…, но останав затоа што сакам да и помогнам на Џенова

Горан Пандев уште еднаш потврди дека сезонава игра во извонредна форма во дресот на Џенова, носејќи во 23. коло од Серија А повеќе од значајна победа за својот тим во битката за опстанок.

По денешниот триумф од 1-0 против Каљари со голот на македонскиот репрезентативец, италијанските медиуми се интересираа зошто Пандев се одлучи да остане во Џенова и покрај пројавениот интерес од Интер во финишот на јануарскиот преоден рок. Најдобриот македонски фудбалер требаше да биде поддршката за Мартинез и Лукако кај „нераѕурите“ поради згуснатиот натпреварувачки календар оваа сезона.

„Постоеја некои комбинации за враќање во Интер, но одлучив да останам во Џенова затоа што сакам да му помогнам на тимот да остане во Серија А. За мене Интер е се, клубот кој ме донесе во Италија и во кој ги минав моите најубави фудбалски години. Но, овој пат сите во клубот добро знаеја дека имам огромна желба да и помогнам на Џенова“ – истакна Пандев по денешниот дуел со Каљари.

Пандев на дуелот со Каљари влезе во игра во 39. минута и постигна гол по само четири минути…

„Кога тренерот ми рече да се подготвам за влегување во игра мислев дека се шегува. Но, ете се погоди и да дадам гол во тие неколку минути. Секако дека сакам да играм што е можно повеќе, но најважно ми е да се освојуваат бодови. Никола мислам дека внесе нов дух во тимот кој чувствува дека може до победите“ – вели Горан Пандев.

Се вчитува...