Пандев: Интер ми понуди и директорско место, но јас ја избрав Џенова

Горан Пандев дефинитивно планира да игра уште една година, за да се обиде да си ја оствари големата желба со Македонија да настапи на европскиот шампионат. Нашиот капитен има зацртано да ја заврши кариерата на крајот од сезонава, но одлагањето на ЕВРО 2020 за една година го натера да ги промени плановите.

„Сакав да ја спасам Џенова од Македонија и да се пласирам на ЕП со Македонија, но оваа трагедија со коронавирусот смени буквално се. Дефинитивно, сакам да играм уште една година“, истакна Пандев.

Договорот што го има со Џенова истекува на крајот од сезонава, но нема сомнеж дека истиот ќе биде продолжен, особено по лојалноста што Македонецот ја покажа кон овој клуб во текот на јануарскиот преоден рок.

„Интер се јави, тоа е клубот на кој му должам се за мојата кариера. На шега им одговорив: Па најдете некој помлад од мене. Ми понудија договор на шест месеци, а потоа и останување во клубот на некое директорско место. Сепак, знаев дека не е добро да ја оставам Џенова среде сезона, во период во кој се бори за опстанок во елитата. Затоа и решив да останам и не зажалив за одлуката“, коментира македонскиот голгетер.

Тој проговори и за своите планови по завршувањето на кариерата.

„Едно е сигурно, јас никогаш нема да бидам тренер. Размислував на оваа тема, но мислам дека подобро ќе се снајдам во некоја извршна функција во управата на клубовите. Исто така, сакам да им помогнам на младите луѓе во Македонија“, порачува Горан Пандев.

Се вчитува...