Пандев: Мурињо се ти кажува во лице, затоа многу го почитувам

Горан Пандев секогаш е актуелен за италијанските медиуми, па Македонецот во интервју за „Калчомеркато“ говореше за својата најуспешна сезона во кариерата, кога со Интер стигна до тројна круна. Воедно, тоа беше можност за Пандев да работи со Жозе Мурињо, за кого нашиот ас се уште има највисоко можно мислење.

„Работев со Мурињо шест месеци и освоивме се што можеше да се освои. Тој е искрен како лично, многу лојален, сака да зборува со фудбалерите, за да знае како да допре до нив и да го извлече максимумот. Секогаш се ќе ти каже во лице, дали во четири очи или пред целиот тим, тоа најмногу го ценам кај него. Годината кога бевме европски шампиони, токму Мурињо ја направи разликата во однос на ривалите. Сега има бројни тренери што ми се допаѓаат, ќе беше убаво да играм за Јирген Клоп бидејќи многу ми се допаѓа како играат неговите екипи. Сепак, имав можност да работам со врвни тренери како Делио Росии Валтер Мацари, од кои научив многу“, истакна Пандев.

Тој се потсети и на периодот на реализација на трансферот во Интер, кога беше отстранет од првиот тим на Лацио, тренираше изолирано, па откако доби раскин на штета на клубот можеше да се пресели на „Џузепе Меаца“.

„Во моментот кога арбитражата ја донесе одлуката полудев од среќа. Истрчав од зградата, се сеќавам дека Милано беше покриено со снег. Следниот ден си заминав дома за празниците, не знаејќи каде ќе ја продолжам кариерата. Неколку дена подоцна ми се јави агентот: Мурињо, те сака. Не можев да поверувам, Интер беше клубот што ме донесе во Италија и чувствував долг, да возвратам за таа доверба. Имав и други понуди на маса, но од тој момент беше јасно дека Интер е единствениот клуб за мене. Долго време тренирав сам, па кога дојдов во тренинг-центарот во Милано бев само 20% подготвен. Бев тензичен, предолго време надвор од терените, но Мурињо успеа таа тензија да ја претвори во желба за одмазда. Нашите тело секогаш имаат во себе некоја скриена енергија, сила, а Жозе успеа да допре до неа, да ја извлече од мене“, се присети Горан Пандев.

 

Се вчитува...