Пандев се спаси со Џенова, му остана уште една желба – со Македонија на ЕВРО 2021

Горан Пандев во последните месеци во неколку наврати ја повторуваше истата изјава – дека има две желби, првата е опстанок со Џенова во Серија А, втората пласман со Македонија на Европското Првенство што беше одложено за една година поради коронавирусот.

Првата желба на големиот ас е исполнета, откако синоќа успеа да слави над Верона со 3-0 и да обезбеди прволигашки статус за Џенова и за наредната сезона. Битката за опстанок беше долга и напорна, а токму Пандев со девет постигнати погодоци беше меѓу најзаслужните што Џенова на крајот заврши пред Лече, Бреша и СПАЛ на табелата, па и следната сезона ќе биде дел од елитното италијанско фудбалско друштво.

За очекување е Пандев по обезбедениот опстанок да потпише нов едногодишен договор со Џенова, а потоа на почетокот од есента погледите да ги насочи кон репрезентативните настапи. „Црвено-жолтите“ во септември ги очекуваат премиерните настапи од новото издание на Лигата на Нации, како загревање за клучната пресметка со Косово, што ќе се игра пред празни трибини. Во случај на победа, Македонија потоа ја очекува финалниот меч за пласман на ЕВРО 2021 против победникот од дуелот Грузија – Белорусија.

Настапот на едно големо натпреварување на репрезентативен план би бил и идеален начин за завршување на кариерата на големиот ас, кој на клупски план освои се што можеше да се освои, а никогаш не ја криеше големата желба – еден ден со Македонија да заигра на ЕП.

Се вчитува...