Пандев: Се уште размислувам за крај на кариерата по оваа сезона!

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев се уште нема донесено конечна одлука дали ќе ја продолжи кариерата и следната сезона. Тој во интервју за познатиот италијански новинар Џанлука ди Марцио, вели дека се уште размислува за убав крај на кариерата по завршувањето на оваа сезона. На преполн стадион во Џенова, со обезбеден опстанок на тимот и со збогување од фановите со кои имал прекрасни моменти изминатите пет години.

„Во моментов се уште планирам крај на кариерата после оваа сезона. Замислувам збогување со фудбалот пред многу луѓе на стадион, сакам да им се заблагодарам на сите во Џенова за петте прекрасни години тука. Дадов се од себе за овој дрес, сакам да кажам „збогум“ пред преполни трибини на „Луиџи Ферарис“, вели Горан Пандев за gianlucadimarzio.com.

Единствената идеја која го премислува Горан Пандев за да ја заврши кариерата по завршувањето на оваа сезона е одложувањето на Европското првенство. Негова огромна желба е со Македонија да обезбеди учество на репрезентативниот самит на Стариот континент, а УЕФА поради пандемијата на коронавирусот неколку пати го одложи и терминот за плејофот во Лигата на нации и дуелот меѓу Македонија и Косово.

 

Се вчитува...