Пандев: Шансите за бараж за СП остануваат, треба да изгинат сите до последен атом на дуелите со Лихтенштајн и Германија

На четири кола до крајот на квалификациите за Светското првенство во Катар, македонската фудбалска репрезентација сè уште може да се надева на место за баражот за мундијалски пласман. За да се оствари тоа потребни се добри резултати и пред сè, победи во преостанатите натпревари. Два од нив се играат во овој октомвриски „прозорец“, најпрво против Лихтенштајн денеска од 20:45 часот на „Рајнпарк стадион“ во Вадуц, а потоа и против Германија во Скопје на 11. октомври.

Отсуството на долгогодишниот капитен Горан Пандев секако се чувствува во играта на нашата репрезентација, но тој и надвор од теренот не престанува да ги бодри своите соиграчи пред клучните пресметки во квалификациите.

„Сигурно дека имаме сили да направиме уште еден голем резултат против Германија. Треба само да одиграме тактички многу мудро, како на првиот натпревар, во Дуисбург, да изгинат сите на терен до последниот атом и кога ќе ни се пружи и најмала шанса треба да ја искористиме. Само така можеме до позитивен резултат“ – вели Пандев во изјавата како заштитно лице на Видеолотарија Казинос Австрија.

Пред натпреварот со Германија в понеделник, македонските репрезентативци гостуваат кај Лихтенштајн, вечер од 20.45, па со три бода оттаму ќе ја подобрат својата состојба на табелата. Во моментов сме четврти со девет бода, но посакуваното второ место е блиску, во моментов го држи Ерменија со 11 бода. До крајот на циклусот треба да играме и со Исланд дома и со Ерменците на гости, па Пандев верува дека второто место и пласманот во бараж се достижна цел.

„Сигурно дека постојат уште шанси за второто место и за бараж за Светско првенство. Секако дека последните резултати беа разочарувачки и шансите доста ни се намалија, веројатно и неискуството на селекторот си го направи своето и од можните девет бода, кои беа реални да ги освоиме со овој тим што го имаме, ние одигравме само три нерешени и освоивме три. Меѓутоа мислам дека сè уште работите зависат од нас и со четири бода од овие два меча ќе имаме големи шанси за второто место“ – вели Пандев за Видеолотарија.

Се вчитува...