Пандев: Уште не е време да се размислува за фудбал…

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев смета дека се уште е рано да се размислува за враќање на терените. Асот на Џенова во интервју за „Кориере дело спорт“ истакна дека според него најпрвин мора да се преземат сите мерки за запирање на пандемијата пред да се дискутира на спортски теми.

„Секако дека сакам да се вратам на тренинг бидејќи фудбалот е мојот живот. Во Џенова сме како едно семејство, а сега не сме се виделе по два месеци. Сепак, се уште не е време да се размислува за фудбал. Се надевам дека најпрвин животот ќе се врати во нормала, дека вирусот ќе исчезне или барем со мерките ќе биде запрена епидемијата, а потоа ќе се вратиме на терен“, изјави Пандев.

Македонецот сепак очекува Калчо-лигата да продолжи, за борбата за титулата, како и онаа за опстанок да се решава на терен.

„Би ми било жал кога Серија А би била прекината, бидејќи во последниот период покажавме дека овој тим е способен за големи работи. Одигравме добри натпревари и најавивме дека опстанокот ќе биде обезбеден. Ако има трка за опстанок, верувам дека ќе излеземе како победници бидејќи имаме квалитет, а во јануарскиот преоден рок доведовме и искусни фудбалери“, истакна Пандев.

Се вчитува...