Пандев за кошмарот во Лацио: Лотито праќаше навивачи да ми се закануваат!

Горан Пандев проговори за тешките времиња на крајот од авантурата во Лацио, откривајќи дека претседателот Клаудио Лотито одел дотаму што испраќал навивачи за да му се закануваат на Македонецот, кој одбиваше да потпише нов договор со римскиот клуб. Пандев во разговор на инстаграм со Илија Несторовски говореше за различни епизоди од кариерата, осврнувајќи се и на кошмарот во Лацио.

„Јас играв многу добро за Лацио, мое лично мислење е дека најдобрите партии во животот ги имав токму за овој клуб. А секогаш земав плата согласно првиот договор, оној младинскиот што го имав со Интер. Цело време чекав да ме викнат, сите останати добиваа зголемувања, а за мене се молчеше. Ми дојде преку глава и решив дека ќе си заминам, а на една година пред истекот на договорот почнаа да ми кажуваат дека сериозно сметаат на мене. Кога видоа дека немам намера да потпишам, почнаа проблемите. Беше вистински кошмар, цела екипа отиде на Супер-куп во Пекинг, а јас останав да тренирам на 40 степени во Рим. Тоа беше кошмар, Лотито ми праќаше и навивачи да ми се закануваат, но јас имав решено да си заминам“, открива Пандев.

Тој потоа го тужеше клубот за „мобинг“ и го доби посакуваниот раскин на договорот, по што како слободен играч се пресели во Интер и со овој тим стана европски првак.

Се вчитува...