Пандев: Живеам за овој натпревар…, многумина помогнаа да дојдам, но некои не прашаа ниту како сум

Македонија ќе го има во своите редовите капитенот и најдобар фудбалер Горан Пандев за утрешниот натпревар против Косово. Огромно е задоволство кај Пандев да биде во Скопје со „своите помлади момци“ затоа што, како што вели, едноставно живее за овие последни натпревари на патот до ЕП.

Силни напори беа вложени Пандев да се „извлече“ од карантинот на Џенова и да допатува во Македонија за што, покрај максималниот ангажман од ФФМ, помогнаа и државните институции…

„Сакам најпрво да им се заблагодарам на сите кои помогнаа за моето доаѓање во Скопје. Најзаслужни се селекторот, генералниот секретар на ФФМ, па и директорот во Џенова. Знаеме колку беше тешко. Желбата на сите во репрезентацијата и македонската амбасада во Италија на крајот исто така пресуди и нивната борба да дојдам да играм. Има и луѓе кои воопшто не ни прашаа каква е ситуацијата. Како е Горан? Дали има потреба да се помогне, да пуштеа барем една порака. Но добро, зафатени се со градење терени, па го оставаме сега тоа“– истакна Пандев на денешната прес-конференција, притоа дополнувајќи:

„Знаеме што носи овој натпревар. Искусни сме и подготвени сме за тоа што не чека. Клупските и репрезентативните натпревари се сосема различни. Сите знаеме што значи да се носи репрезентативниот дрес. За мене ова е последна шанса да играм на големо натпреварување. Огромна е желбата да победиме и да подариме радост на нашиот народ, посебно низ овој лош период во светот. Јас, едноставно живеам за овој натпревар. Знам дека сите ние ќе го оставиме срцето на терен, па нека победи подобриот“.

Се вчитува...