„Пандевци“ поради снегот во Струмица стартуваа во сала: Промовиран Велинов (ФОТО)

Поради снежните врнежи во Струмица, фудбалерите на Академија Пандев почетокот на зимските подготовки денеска го означија во спортската сала „Парк“.

Како што информираше шефот на стручниот штаб, Југослав Тренчовски и утре ќе се тренира во сала а потоа подготовките на отворено ќе продолжат во вторник (8. јануари) по дводневниот одмор поради божиќните празници.

Според планот на стручниот штаб до 25. јануари тимот ќе работи во Струмица, а потоа се заминува во Анталија, Турција.

Веќе се закажани првите два тест дуели против две екипи од Бугарија, на 20. јануари со Беласица од Петрич и втората на 23. јануари со второлигашот Струмска слава. На подготовките во Турција планирани се уште пет контролни дуели.

Академија Пандев денеска официјално го промовираше и едно од своите засилувања во зимскиот преоден рок, крилниот офанзивец Стојанче Велинов.

„Нова година, нов предизвик. Желбата е со Академија Пандев да се избориме за европски настап оваа сезона. Верувам дека ќе му помогнам на тимот да ги реализира зацртаните амбиции“ – истакна Велинов по промоцијата во новиот дрес.

Како што е познато ново има кај „пандевци“ е и Кристијан Стојковски кој дојде од Шкупи, а по позајмицата во Тиквеш во тимот се врати и Мишев.

Се вчитува...