„Пандевци“ со три од три, триумфи за Вардар, Силекс и за Работнички

Академија Пандев има одличен старт на новата сезона во Првата лига, откако ја забележа и третата победа и со максимални девет бода се наоѓа на врвот на табелата во македонскиот шампионат. „Пандевци“ со 1-0 го совладаа Шкупи во Турново и засега се вистински хит.

Диме Димов беше стрелец на победничкиот гол за тимот на Академија Пандев. Тој во 21.минута, скокна највисоко во противничкиот шеснаесетник по корнерот од десната страна, и со удар со глава ја затресе мрежата на Шкупи. Домаќинот во завршницата играше со играч помналку поради исклучувањето на Стојчевски, но успеа да го сочува минималното водство.

Вардар со идентични 1-0 славеше против Македонија ЃП на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари. „Црвено-црните“ славеа со гол од пенал што го постигна Тигран Барсегјан во 41.минута од натпреварот. Претходно, Матеј Цветаноски се избори за најстрога казна, откако беше соборен од голманот Марко Јовановски во казнениот простор.

Работнички под „Тумбе кафе“ ја совлада Победа со 0-2. Уште во петтата минута, Остоја Стјепановиќ од пенал донесе водство за „романтичарите“, а младиот Петар Петковски во 60.минута по вторпат го матираше Тофилоски.

Силекс во финишот го скрши отпорот на Ренова и стигна до триумф од 1-0. Жикица Тасевски во игра го уфрли Димитар Иванов, кој се покажа како вистински „џокер“ и успеа да погоди во 86.минута. Само една минута подоцна, Сулејмани можеше да израмни, но ја погоди само гредата од голот на кратовскиот прволигаш.

Шампионот Шкендија утре ќе го пречека новиот прволигаш Беласица во Тетово.

Фото: www.fkvardar.mk

ПРВА ЛИГА, 3.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-0

СИЛЕКС – РЕНОВА 1-0

ПОБЕДА – РАБОТНИЧКИ 0-2

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКУПИ 1-0

УТРЕ: ШКЕНДИЈА – БЕЛАСИЦА

Табела: Академија Пандев 9, Вардар 7, Работнички 6, Силекс 4, Победа 4, Ренова 3, Шкендија 2 (-1), Шкупи 2, Македонија ЃП 1, Беласица 0 (-1).

Се вчитува...