ПАО гради моќен тим: Атаман за тренер, шопинг во Црвена Звезда и во Партизан

Панатинаикос има уште една разочарувачка сезона на кошаркарски план, каде е во целосна сенка на вечниот ривал Олимпијакос. Поради ова, „зелените“ се решени конечно да го одврзат кесето и да инвестираат сериозна сума на пари во засилувања, но и за промена во стручниот штаб.

Иако се споменуваше Пабло Ласо, најголеми шанси за нов тренер на Панатинаикос сега му се даваат на Ергин Атаман. Овој стратег ќе ја доврши сезоната во Ефес, но по катастрофалните резултати во Евролигата (необезбеден пласман во Топ 8) летово ќе го напушти Истанбул. Атаман веќе имаше средба со првиот човек на клубот, при што искажал интерес за преселба во Атина, а се очекува контактите да се интензивираат во следниет триесетина дена.

Паралелно со потрагата по нов тренер, ПАО преговара и со засилвуања на играчкиот кадар, при што „зелените“ тргнуваат во офанзива по кошаркари на АБА-лигашите Црвена Звезда и Партизан. Аргентинецот Вилдоза е главна желба на Панатинаикос за бековската позиција, за што му е понудена двојно повисока плата од онаа што моментно ја заработува во Белград. Вилдоза има договор со Звезда до крајот на сезонава, што значи дека би можел без никаква отштета потоа да си замине од клубот.

Што се однесува до Партизан, таму желба на Пао е грчкиот репрезентативец Папапетру, кој минатото лето токму од Панатинаикос им се приклучи на „црно-белите“. Тие сега сакаат да го вратат назад во клубот, но за тоа да се случи ќе мора да платат и отштета (доколку Партизан се согласи на трансфер) бидејќи Папапетру лани потпиша двогодишен договор со тимот на Жељко Обрадовиќ.

Се вчитува...