Папен жесток: ПСЖ нема фудбалски херои, туку егоисти

Само еден пораз беше доволен за митот за гигантот ПСЖ повторно да се претвори во лавина на критики на адреса на скапо платените ѕвезди од „Паркот на принцовите“. Меѓу најгласните е поранешниот француски репрезентативец, Жан Пјер Папен, освојувач на Златната топка од 1991 година и европски првак три години подоцна. Според Папен, проблемот на ПСЖ е очигледен, а доколку тренерот Тухел не најде начин да го реши резултатот повторно ќе изостане – „светците“ и оваа година нема да стигнат до тронот на Европа.

„Во модерниот фудбал сите работат за тимот, не можеш да победиш на голем натпревар ако напаѓачите не вложат минимален напор да помогнат во играта во дефанзива. Тоа го видовме во Ливерпул, ако можеа домаќините да се враќаат и да одземаат топки, зошто да не можат играчите на ПСЖ. Одговорот е јасен, бидејќи во ПСЖ нема фудбалски херои, туку егоисти. Секаде постојат ѕвезди на тим и останати играчи, но работата на ѕвездите е да ги ценат и оние околу нив, кои воопшто не се слаби фудбалери, повремено и да им помагаат. Па сме го гледале Нејмар како понекогаш игра во дефанзива за Барселона, зошто никогаш не го направил тоа во ПСЖ. Тренерот Тухел пред сезоната најави дека односите во тимот мора да бидат на највисоко ниво ако се сака трофеј во Лигата на шампионите. Се сложувам, но атмосферата во моментов е предалеку од посакуваната, а на стратегот е да најде решение бидејќи овој проблем ќе станува се поголем“ – изјави Папен.

Се вчитува...