Парадоксот на Ф4 во ракомет: Криштопанс ќе игра за ПСЖ, Сагосен за Кил…

Европската Ракометна Федерација (ЕХФ) беше првата што однапред презентираше план за своите натпреварувања доколку дојде до ширење на епидемијата (што во меѓувреме се случи), објавувајќи резервни датуми за завршните турнири од Лигата на шампионите и за Купот на ЕХФ.

Така, битката за европскиот трофеј во Келн би се водела на 22 и 23 август, а во меѓувреме, во зависност од борбата со болеста ширум Европа ќе биде одреден начинот и термините за средбите од нокаут фазата. Сепак, самиот факт дека борбата за тронот ќе се води по јули сам по себе наметнува парадокс, играчите токму пред Ф4 во Келн да ги променат клупските бои поради веќе договорените трансфери.

Доколку и нокаут-фазата се игра по месец јуни најоштетен ќе биде Вардар, кој со оглед на најавениот ремонт ќе остане без речиси цел тим. Даинис Криштопанс ќе има можност да ја брани ланската круна, но како член на ПСЖ, додека Шишкарев би бил дел од тимот на Веспрем што ќе атакува на првата европска титула во клупската историја.

Најинтересен ќе биде случајот на Сандер Сагосен, кој сезонава е меѓу лидерите на ПСЖ, но лесно може да се случи во Келн да се сретне против „светците“ од Париз, поради договорениот трансфер во таборот на Кил. Слична ситуација би можела да се случи со Блаж Јанц, кој ќе го напушти Киелце за Барселона, доколку двата клуба обебедат учество на фајналфор турнирот.

„Правилата за натпреварувања се децидни, ракометарот може да игра за клубот со кој има договор во моментот на одигрување на натпреварот“, изјави првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер, јасно ставајќи до знаење дека за вакви ситуации никогаш не бил предвиден „план Б“.

Се вчитува...