Паратичи: Роналдо останува во Јуве, а Де Лихт е „монструм од играч“

Јувентус го загуби првото место на табелата од Интер, по што веднаш се јавија критичарите на адреса на најскапите засилување на „црно-белите“ од Торино. Кристијано Роналдо е обвинет за незалагање при слабите игри во изминатите триесетина дена, додека Матијс де Лихт редовно е критикуван за лоши одлуки во играта во одбрана, како и серијата направени пенали.

Сепак, раководството на „старата дама“ цврсто застанува во одбрана на португалскиот голгетер и на холандскиот дефанзивец.

„Роналдо ќе остане со нас, не се сомневајте во тоа. Тој е роден шампион, сака да освои се и со Јувентус како што тоа го стори со претходните клубови. Некој сака да го претстави дека не може веќе да игра на највисоко ниво, но тоа не е точно. Кристијано имаше проблем со коленото и затоа не можеше да дава 100% на натпреварите, но наскоро пак ќе биде оној стариот“ – истакна директорот Фабио Паратичи.

Тој е задолжен за трансферите на Јувентус по заминувањето на Марота во Интер, па јасно е дека Паратичи со сите сили ќе го брани и Матиј де Лихт.

„Тој е монструм од играч, најдобра инвестиција во млад фудбалер што клубот некогаш ја направил. Некој се сомневаше во неговите квалитети, но јас верувам во Матијс, исто така и сите негови соиграчи. Де Лихт е феномен, неверојатно е некој на 20 години да игра централен дефанзивец во моќен европски тим. Тој ќе биде најдобар светски одбранбен фудбалер во следните десет години“ – го пофали Паратичи холандскиот дефанзивец.

Се вчитува...