Парма не сака да го задржи Пандев

Горан Пандев сериозно размислува да ја продолжи кариерата и да игра уште една сезона во Италија, но тоа речиси сигурно нема да биде во дресот на Парма.

По најавите на македонскиот ветеран дека е подготвен повторно да ја одложи пензијата, од раководството на Парма стигнуваат информации дека овој клуб не размислува да му понуди нов договор на поранешниот ас на Интер, Лацио и на Џенова. Македонецот по пристигнувањето од Џенова требаше да биде значаен адут на Парма во борбата за влез во плејофот, но серијата повреди придонесе тој да има лимитирана улога во клубот.

Пандев остана со само еден гол и една асистенција во четирите месеци настапи за новиот тим, па јасно е зошто тој не е дел од плановите на Парма за наредната сезона, дури и доколку реши да ја одложи пензијата.

„Единаесет натпревари, еден гол и една асистенција. Премалку за играч од негов калибар, можеби тој ќе се врати на терените следната година, но најверојатно тоа ќе биде далеку од Парма“, објавија италијанските медиуми, повикувајќи се на извори од управата на клубот од „Енио Тардини“.

Се вчитува...