Парондо: Понудата да бидам тренер на Вардар беше големо изненадување, сега со Македонија успех на СП

Во очекување на настапот на македонската репрезентација на Светското првенство во Германија и во Данска, тренерот на Вардар, Роберто Парондо во разговор за официјалната интернет страница на клубот ги сумира впечатоците од изминатата година и очекувањата од 2019 година и од аспект на РК Вардар и за македонската селекција каде е член на стручниот штаб.

Парондо вели дека бил изненаден кога бил назначен за главен тренер на РК Вардар….

„Секако дека бев малку изненаден. Знаевме дека Раул си заминува од тимот уште во ноември и многу имиња се спомнуваа како негова замена, но кога Сергеј ми ја понуди позицијата за мене беше големо изненадување. Не ми требаше време да размислувам за понудата, зашто ако некој те праша дали сакаш да бидеш тренер на Вардар прифаќаш. За мене беше лесно да кажам ДА. А потоа, кога работите се договорија, размислуваш за тоа како ќе работиш и како ќе се организираш“ – вели Парондо.

Парондо дава осврт на изминатава полусезона и во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите…

„Најважно е да се размислува меч за меч и така да се подготвуваме, да не мислиме што ќе биде во мај или јуни. Имавме проблеми со повреди и секао дека и тоа имаше влијание. Пред почетокот на сезоната при рангирањето на тимовите Вардар го немаше на листата, а играчите за тоа зборуваат и сакаа да покажат дека тоа е грешка. Така и беше имавме одличен почеток на сезоната. На последниот меч од СЕХА лигата во Букурешт игравме без 8 играчи. Тоа не е најдобриот тим. Последните три мечеви сакавме да им дадеме шанса на сите, бидејќи се гледаше заморот. Сезоната е долга и ни требаат сите играчи. Треба некогаш и да се мисли на тимот да може да се издржи целата сезона да се одигра доволно да се победи“ – истакнува стратегот на Вардар.

А, за првата активност во 2019 година….

„Сега сакам со репрезентацијата на Македонија да постигнеме добар резултат на СП во Германија. Потоа со Вардар да продолжиме каде застанавме. Најважно е да бидеме сите здрави и потоа да играме најдобро што можеме“ – вели Парондо.

Се вчитува...