Парондо: Раул не ни знаеше дека јас ќе го наследам во Вардар

Експедицијата на Вардар допатува во Барселона во пресрет на саботната пресметка со каталонскиот гигант, а во фокусот на јавноста сосема очекувано се најде Роберто Гарсија Парондо, поранешниот шпански репрезентативец кој сега ја има улогата на предводник на македонскиот првак во Лигата на шампионите. Парондо во пресрет на овој натпревар даде и интервју за каталонскиот гигант „Спорт“, во кое објасни како и самиот бил шокиран од укажаната можност да стане прв тренер на Вардар иако немал ниту еден ден самостојно тренерско искуство.

„Целата ситуација се случи пребрзо, Раул најави дека ќе си замине во ноември, по што луѓето од управата ме прашаа дали сум заинтересиран. Јас тогаш бев дел од стручниот штаб на женскиот клуб и мислев дека се шегуваат. Потоа имав официјален состанок со газдата на клубот кој ми рече дека ако ја сакам работата, таа е моја бидејќи верува дека можам да продолжам по стапките на Раул. Гонзалес не знаеше ништо, се се случи премногу брзо, а јас секако прифатив без многу размислување“ – изјави Парондо.

Шпанецот се пожали на тежината на групата во Лигата на шампионите, во која Вардар моментно се наоѓа на второто место, зад Барселона.

„Ова е без конкуренција најтешката група во историјата на Лигата на шампионите, бидејќи шест или седум тима можат да се најдат на Ф4 во Келн и тоа да не биде никакво изненадување. Секој викенд имаме тежок натпревар и мораме да играме на највисоко ниво за да победуваме“ – вели стратегот на Вардар.

Тој не крие дека очекува многу подобро издание од своите избраници од она што го покажаа минатиот викенд против Барселона.

„Барса одигра одлично, а ние го имавме најлошиот ден во нападот. Иако бевме добри во одбраната, нападдот функционираше толку лошо што поразот беше неизбежен. Мислам дека ќе играме подобро в сабота, но мораме да ги избегнеме наивните грешки кои им овозможуваат лесни голови на противниците“ – порачува Парондо.

Се вчитува...