Парондо: Нешто ми вели дека Вардар и догодина ќе биде моќен

Роберто Гарсија Парондо испиша историја, откако во првата сезона како самостоен тренер не само што успеа да стигне до фајналфор турнирот, туку и да се закити со големиот трофеј во Келн. Шпанецот останува скромен како и секогаш, поголемиот дел од заслугите префрлајќи ги кон ракометарите.

„Во 2017 година планирав да почнам како играч, но тогаш добив понуда од Вардар, да станам дел од стручниот штаб на женскиот тим. Видете што се ми се случи во меѓувреме, лани со жените играв финале во ЛШ, со Раул бев дел од стручниот штаб на македонската репрезентација, а сега триумфирав во Келн. Верувам дека не сум единствениот, има многу млади луѓе, поранешни ракометари, кои многу добро го знаат ракометот, само некој треба да им даде шанса. Горд сум на успехот, но за него сепак најзаслужни се ракометарите, кои растеа од натпревар во натпревар и го дадоа најдоброто од себе токму во Келн“ – истакна Парондо.

Тој во меѓувреме ја прифати понудата за селектор на Египет и неизвесно е дали ќе остане во Вардар и во наредната сезона. Без оглед на тоа, Парондо е оптимист кога станува збор за иднината на македонскиот и европски првак, без оглед на финансиските проблеми со кои се соочува во моментов.

„Јас бев дел од тимот на Атлетико Мадрид кога овој гигант се распадна, но овојпат ситуацијата е сосема поинаква. Нешто ми вели дека Вардар и догодина ќе биде моќен. Точно е, многу ракометари веќе потпишаа договори, но во последниот период слушаме дека ќе дојде помош од Владата и од нови спонзори. Вардар ќе преживее, а верувам дека ќе ја добие и неопходната финансиска поддршка за повторно да има силна екипа“ – порача Парондо, не откривајќи дали ќе продолжи да седи на клупата на „црвено-црните“ и наредната сезона.

 

Се вчитува...