Партизан без тројца важни играчи против Ефес

Партизан ќе биде сериозно ослабен за гостувањето против Анадолу Ефес откако „црно-белите“ тргнаа на пат за Истанбул без тројца кошаркари.

Капитенот Кевин Пантер минатата седмица почна со тренинзи, но ризикот од обновување на повредата е преголем, па тренерот Обрадовиќ по консултациите со лекарскиот тим реши американскиот поентер да не настапи против Ефес. Во тимот ќе го нема ниту Трифуновиќ, кој ќе паузира уште најмалку дваесетина дена, но и Алекса Аврамовиќ, откако српскиот репрезентативец се здоби со скршеница на носот на последниот меч од АБА Лигата со Цедевита Олимпија.

„Пантер тргна со тренинзи, но уште не е блиску до враќање. Тој, Аврамовиќ и Трифуновиќ нема да играат во Истанбул. Ситуацијата е таква каква што е, немаме време да патиме или да се радуваме, мораме само да излеземе на терен и да одиграме најдобро што знаеме. Кога губиш натпревари на начин на кој ние ги губиме сезонава, мораш да внимаваш на секоја топка, секој кош или скок“, изјави тренерот Жељко Обрадовиќ.

Со проблеми се соочуваат и во таборот на Ефес, од каде вчера објавија дека против Партизан нема да настапат Шејн Ларкин, Елајџа Брајант и центарот Плајс.

Се вчитува...