Кратко траеше потрагата на Партизан по нов плејмејкер, откако Кори Волден објави дека ќе го раскине договорот со „црно-белите“ како најава за негов трансфер во Црвена Звезда. Коди Милер – Мекинтајер ќе биде задолжен за организација на нападите на Партизан во следната сезона, откако овој кошаркар ги договори сите услови за преселба во Белград и се очекува во наредните денови трансфер да биде официјализиран.
Милер – Мекинтајер доаѓа во Партизан по една одлична сезона во АБА-лигата во која го носеше дресот на Цедевита Олимпија. Тој имаше едногодишен договор со словенечкиот клуб, ја одби понудата за продолжување на соработката, па во Партизан доаѓа како слободен играч, без „црно-белите“ да платат отштета за неговиот трансфер.
Многу потешко ќе биде да се најде соодветна замена за тренерот Тринкиери, кој исто како и Волден се наоѓа на излезна врата од Партизан. Засега, главен фаворит за нов кормилар на „црно-белите“ е досегашниот асистент на Тринкиери, Владо Шчепановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА