Партизан го реши и Монако, за печат на визата за плејофот

Партизан ја продолжи серијата одлични игри со значајна победа на гостувањето против Монако од 84-88, резултат со кој „црно-белите“ и дефинитивно го осигураа пласманот во плејофот од Евролигата. Иако слабо почнаа и противникот поведе со 10-1, избраниците на Жељко Обрадовиќ одиграа одлично, благодарение на Аврамовиќ се вратија целосно во натпреварот, а потоа на сцена стапи Зек Ледеј. Партизан имаше и двоцифрена предност, Монако успеа да се врати, а во неизвесна завршница Ледеј и Аврамовиќ од линијата за слободни фрлања ставија печат на победата.

Токму овие двајца кошаркари со по 22 поени беа најефикасни во таборот на Партизан, по 12 поени постигнаа Смаилагиќ и Нанали, додека најефикасен кај Монако беше Окобо со 23 поени.

Барселона загуби на гостувањето против Милано со 84-76, пораз по кој каталонците ги загубија сите шанси за првото место на табелата. Првото полувреме мина во израмнета борба, но Милано успеа да се одлепи во завршницата и да стигне до заслужен триумф. Напие беше прв стрелец со 18 поени зад своето име, а Курич ги предводеше стрелците на Барселона со 17 поени.

Алба како гостин славеше во Атина против Панатинаикос со резултат 84-88. ПАО имаше предност од 84-82 на една минута до крајот, но Маодо Ло постигна четири, а Ветсел два поени за триумф на берлинскиот тим. Смит со 14 и Ло со 13 поени беа најефикасни во победничкиот тим, додека прв стрелец на Панатинаикос беше Бејкон со 16 поени.

Се вчитува...