Партизан избегна „метла“ против Звезда во натпревар кој траеше скоро три часа

Кошаркарите на Партизан спречија „метла“ во финалето на АБА лигата против Црвена Звезда откако славеа во натпреварот број три со 70-67.

Домаќините подобро го отворија натпреварот добивајќи ја првата четвртина со 21-17. Одличната игра посебно во фазата на одбрана на избраниците на Жељко Обрадовиќ продолжи и во вториот период, по што на пауза заминаа со предност од 39-31.

На стартот на вториот дел како да излезе нов тим на Црвена Звезда. „Црвено-белите“ одиграа фуриозна трета четвртина во која на противникот му дозволија само осум поени, па по 30 минути игра поведоа со 46-54.

Партизан успеа да се врати во последниот период и да го одведе натпреварот во неизвесна завршница (63-61). На една минута до крај со тројката на Кевин Пантер поведоа со 68-65, а по овој кош следуваше пауза бидејќи судиите го напуштија теренот и се повлекоа во соблекувалната. Причината за ова е тоа што неколку пати домашната публика беше опомената за фрлање на предмети на теренот, а откако тоа се случи повторно, судиската тројка реши да се повлече се додека не се испразни тој дел од трибините во арената „Александар Николиќ“.

По враќањето на теренот Партизан успеа да ја задржи предноста и да триумфира со 70-67. Кевин Пантер со 22 поени беше прво име кај победникот, додека кај поразените Добриќ заврши со 20 поени.

Се вчитува...