Партизан избра: Филиповски е наследникот на Шчепановиќ

Словенечкиот тренер со македонски корени, Саша Филиповски, е избор на управата на Партизан за нов шеф на стручниот штаб на „црно-белите“ откако овој клуб неодамна му врачи отказ на Влада Шчепановиќ. Токму Филиповски беше споменуван како главен фаворит уште пред Шчепановиќ да добие отказ, но во меѓувреме во трката се вмеша и поранешниот македонски селектор Александар Џикиќ.

Српските медиуми информираат дека контактите меѓу Филиповски и раководството на Партизан се интензивирале во последните два дена, кога биле договорени и сите детали од соработката. Новиот тренер најдоцна до крајот на неделава ќе пристигне во Белград, каде по потпишувањето на договорот ќе го одржи и првиот тренинг со екипата.

Саша Филиповски тренерската кариера ја почна во Олимпија, по што има работено и во Туров, Локомотива Ростов, Лотоматика Рома, Зјелона Гора, Банвит, а последен ангажман му беше како шеф на стручниот штаб на Монако. Десна рака на овој стратег при последните клупски ангажмани му беше македонскиот стручњак Боби Митев.

Се вчитува...