Партизан немаше сили за пресврт, Црвена Звезда остана перфектна во АБА

Црвена Звезда славеше на првото овосезонско дерби со Партизан во АБА-лигата, триумфирајќи над „црно-белите“ со резултат 85-86 и зацврстувајќи се на првото место во регионалното натпреварување. Партизан покажа карактер, неколку пати се врати од двоцифрена негатива, но себичноста и промашувањето на Мекинтаер придонесе Филиповски да го претрпи првиот пораз на клупата на „црно-белите“.

Уште од самиот почеток стана јасно дека „црвено-белите“ ќе имаат успешна шутерска вечер откако во првите неколку напади тројки погодија Јагодиќ – Куриџа и О’Брајант, по што двапати прецизен од далечина беше и Лазиќ. Црвена Звезда набрзина стигна до двоцифрена предност, но Партизан успеа да се врати и до крајот на четвртината да намали на 19-22. Вториот период донесе израмнета игра во која Партизан доминираше под обрачите, а високите кошаркари на Црвена Звезда влегоа во проблеми со лични грешки. Двата тима се менуваа во водство се до самиот финиш од полувремето, кога „црвено-белите“ фуриозно ги одиграа последните секунди и со тројките на Рочести и на Волден стигнаа до „плус десет“ (40-50).

Сашо Филиповски и неговите избраници се обидоа да сторат нешто повеќе во второто полувреме, во нападот се разбуди Мекинтаер, но се беше попусто кога „црвено-белите“ продолжија со прецизни удари од далечина. Во ритам влезе и Џордан Лојд, кој постигна десет поени за Црвена Звезда само во третата четвртина. „Црно-белите“ не се предадоа, па по неколкуте непрецизни тројки на противникот се приближија на само два поени разлика (82-84) на 100 секунди до крајот. Лојд во клучниот напад несебично го проигра О’Брајант за лесна реализација под кошот, но Загорац погоди тројка на 30 секунди до крајот и го доведе мечот во неизвесна завршница. Рочести не беше прецизен, Мекинтаер дојде до скок под својот кош, но не ја додаде топката до соиграчите, реши самиот да завршува и промаши, па Црвена Звезда го доби ова дерби со минимални 85-86.

Црвена Звезда постигна 15 тројки наспроти само пет на Партизан, најефикасен во победничкиот тим беше 18 поени, додека кај „црно-белите“ прв стрелец беше Томас со 19 постигнати поени.

Се вчитува...