Партизан со лекција по кошарка за Жалгирис среде Литванија

Партизан на импресивен начин ја продолжи победничката серија во Евролигата славејќи на гостувањето против Жалгирис со убедливи 74-88. Теренот во Каунас сезонава важи за еден од најтешките за освојување во Европа, но избраниците на Жељко Обрадовиќ одиграа извонреден меч, одржувајќи му лекција на противникот кого го минаа и на евролигашката табела.

„Црно-белите“ делуваа особено импресивно во првото полувреме во кое функционираа и нападот и одбраната, па на одмор се замина со убедливи 30-47. Жалгирис се разбуди само во третиот период што Литванците го добија со 24-14, за Партизан да ја отвори последната четвртина со серија од 2-11, повторно да се одлепи и на крајот да слави со преубедливи „плус четиринаесет“. Папапетру со 17 поени беше прв стрелец на Партизан, додека по 14 поени за победничкиот тим постигнаа Пантер и Лесор.

Фенербахче ја прекина серијата слаби игри со победа на домашен терен над Алба од 101-86. Најџел Хејс беше одличен со 24 поени и 11 скокови, а доминантен меч одигра и центарот Мотли, реализирајќи 18 поени.

Реал Мадрид славеше на гостувањето против Монако со резултат 91-95, одмаздувајќи им се на „кнезовите“ за поразот во првиот дел од сезоната. Марио Хезоња го одигра најдобриот меч во дресот на Реал постигнувајќи 30 поени, 6 скока и шест асистенции, додека прв стрелец на Монако беше Мајк Џејмс со 23 поени.

Се вчитува...