Партизани и Кукс во трка по Ферхан Хасани

Ферхан Хасани е без клупски ангажман откако си замина од Саудиска Арабија, но македонскиот репрезентативец наскоро би требало да го реши ова прашање, по последните понуди што пристигнаа на негова адреса.

Шкендија е заинтересирана за камбек на „Буба“ во Тетово, но македонскиот првак доби сериозна конкуренција откако два албански клубови влегоа во трка за ангажман на Хасани во своите редови. Партизани и Кукс се тимови со сериозни амбиции во новата сезона, кои не жалат пари за ангажман на нашиот репрезентативец, во кого гледаат идеално засилување за да се вмешаат и во трката за шампионската титула.

Албанските медиуми тврдат дека двата клуба му понудиле на Хасани по 120.000 евра за договор до крајот на сезонава, но се очекува наддавањето да продолжи во следните денови, со што и понудата до македонскиот офанзивец ќе се зголеми.

Хасани поради нерешениот клупски статус не е дел од македонската репрезентација на последните собири.

Се вчитува...