Пасторе: Сакав камбек во Италија, Рома е идеалниот клуб за мене

Рома ја официјализираше продажбата на Раџа Наинголан во Интер, a потоа „волчицата“ го потврди и својот најзвучен трансфер летово, доаѓањето на Хавиер Пасторе од ПСЖ. Аргентинецот кој стана фудбалска ѕвезда во Серија А како член на Палермо се враќа назад во Италија откако во последните неколку сезони не доби преголема минутажа во дресот на „светците“. Рома за неговите услуги плати 20 милиони евра, плус евентуални пет милиони преку неколку клазули, а Пасторе не го криеше задоволството што се враќа назад на Апенинскиот полуостров.

„Сакав да се вратам назад во Италија, а Рома е амбициозен тим кој во иднина ќе игра уште поубав фудбал. Два месеци разговарав со Мончи, ме убеди во овој проект и одлуката воопшто не беше тешка. Ова е одличен клуб, прекрасен град за живеење и не се мислев премногу“ – изјави Пасторе, кој одби трансфер во Вест хем за да се пресели во таборот на Рома.

Тој се осврна и на последната сезона во ПСЖ, каде не доби шанса да ги покаже своите квалитети.

„Проблемот не е во конкуренцијата, туку во начинот на кој се дели минутажата. ПСЖ има огромен број на врвни играчи, но вообичаено мораат да играат оние најновите, кои треба да ја оправдаат инвестицијата. Кога дојдов во клубот бев стандарден, потоа минутажата ми се намалуваше, не е лесно да се навикнуваш кога на секоја една до две години се менува тренерот“ – истакна аргентинскиот ас.

Се вчитува...