Второто поглавје почнува во Приштина: Кошаркарите го освојуваат Косово

Македонската кошаркарска репрезентација денеска против Косово во Приштина (20.30) отвора ново претквалфикациско поглавје на патот кон  Европското првенство во 2021 година. Покрај Косово, во групата на македонскиот национален тим е и селекцијата на Романија. Единствено првото место во оваа конкуренција води во квалификациите за Евробаскетот.

Македонската репрезентација од Косово доживеа неочекуван пораз, минатата година во Приштина и со тој неуспех беше најавен падот во најниската квалификациска конкуренција. Во однос на тој дуел, Косово е со нов селектор, Дамир Мулаомеровиќ.

„Премалку време беа заедно за Мулаомеровиќ да може да направи некои коренити промени во играта на Косово во однос на претходно. Најважно ќе биде ние да бидеме на висина на задачата во одбраната. Се знае дека се ќе се врти околу Бериша, за кого ќе се прават двојни блокови исто како и за Бамфорд, наше ќе биде добро да реагираме во овие ситуации и да не дозволиме чисти шутеви на клучните кошаркари на противникот. Задоволен сум од начинот на кои ги одработевме подготовките и верувам дека сме подготвени за претстојните натпревари“ – вели македонскиот селектор Јорданчо Давитков во пресрет на мечот со Косово.

Македонскиот состав е поинаков од оној што лани не успеа да се справи со Косово. Минатата година во тимот на беше Дамјан Стојановски. Тој сега ќе биде меѓу избраните на селекторот Давитков.

„Желба на сите е кошарката да ја вратиме онаму каде што заслужува да биде, а тој пат продолжува со пресметката со Косово. Не играв на претходниот меч во Приштина, но свесен сум дека атмосферата ќе биде пеколна, сите се подготвуваме за такво нешто, за да не дозволиме притисокот од трибините да им даде крила на домаќините од првата минута како што тоа беше случај лани“ – изјави Дамјан Стојановски.

Од конкуренција за овој меч отпаднаа Пајиќ, Маслинко и Кире Николовски, а Хендрикс и Трајковски се пожалија на повреди, но се очекува да бидат дел од тимот.

Следниот натпревар на македонската репрезентација е в недела, кога во Скопје гостува селекцијата на Романија.

Се вчитува...