Павловски: Ова ќе биде најквалитетниот Куп во последните години; Ѓоровиќ: Чест и гордост е што се најдовме во едно вакво друштво

Купот Благоја Георгиевски – Буштур се враќа во етерот престојниот викед, а по богатиот петок исполнет со натпревари од четвртфиналето во машката конкуренција, во сабота ќе настапат и дамите кои ќе се борат од полуфиналето. Првата средба ќе биде одиграна од 12 часот, а во неа Бадел 1862 ќе ја пречка Струга 2009.

Баделки важат да фаворит за освојување на трофејот, по 14. одиграни натпревари во Првата лига не знаат за пораз, но за враќање на истиот во витрините прво ќе мораат да слават против стружани.

„Можам да кажам дека ова ќе биде најквалитетниот Куп со бројни репрезентативки во редовите на сите клубови учесници. Искуството од поранешните Купови кажува дека тука нема фаворити и се е можно во еден натпревар. Ние одиме чекор по чекор. Прва пречка е Струга која на овој турнир ќе настапи до полн состав па не очекува интересен натпревар“, вели Љупчо Павловски.

„Во минатото немавме среќа во овие средби, но оваа сезона имаме квалитетен тим и се надевам дека ќе стигнеме до посакуваната цел“, вели Адамовска.

Избраничките на Владимир Ѓоровиќ на овој натпревар влегуваат без притисок, а ќе дадат се од себе да се пласираат во финалето.

„Посакувам успешно натпреварување во кое најбитно е да останеме здрави. Бадел е апсолутен фаворит за освојување на Купот. Со целото искуство од настапот во АБА лигата тие стекнаа цврстина која многу ќе им значи во сезоната  За нас е чест самиот настап на Купот во една сезона која во последните 15 години е најквалитетна. Нашата шанса ја гледаме во заморот на Бадел, но нема да биде лесно. На една претходна пресконфренција се нашалив дека ќе биде добро да го приморам тренерот на еден тајмаут, еве овој пат тоа нека бидат три“, вели Ѓоровиќ.

„Посакувам успех на сите учесници. Немаме високи очекувања за овој дуел, знаеме дека ќе биде тржок натпревар, но ќе дадеме се од себе за да се прикажеме во добро светло“, додава Стојановска.

Се вчитува...