„Пекол“ во групата Б, последни „битки“ за пласман во нокаут-фазата од ЛШ

Во Лигата на шампионите денеска се играат последните натпревари од оваа фаза, па се очекува конечна разврска за пласман во осминафиналето на елитното натпреварување. Во групата „Б“ се очекува вистински „пекол“, а еве ги во целост најавите за сите групи кои денес ќе понудат уште една фудбалска „магија“.

ГРУПА А: Баерн (13), Атлетико (6), Салцбург (4), Локомотива (3)

Европскиот првак Баерн не само што обезбеди пласман во следната фаза, туку и сигурно прво место во групата, додека „борбата“ за позиција два е се уште „разгорена“ и непредвидлива. Салцбург и Атлетико ќе решат кој ќе оди понатаму, а само победа е единствената опција за австрискиот шампион да го продолжи својот пат во најелитното европско натпреварување. Московски Локомотив и понатаму се надева на чудо со цел барем да обезбеди „билет“ во Лигата на Европа. За оваа „мисија“ на Русите им е потребна победа во Минхен и само бод на Атлетико во Салцбург.

ГРУПА Б: Борусија Менхенгладбах (8), Реал Мадрид (7), Шахтјор (7), Интер (5)

Ова е единствената група во која сите четири екипи можат да одат понатаму, па се очекува спектакл во Мадрид, каде ќе се сретнат Реал и Борусија, а Милано ќе биде дестинација за „битка“ меѓу Интер и Шахтјор. Во најтешка позиција е Интер, кој не зависи од самиот себе. „Нероазурите“ мораат да го совладаат Шахтјор и се надеваат дека натпреварот во Мадрид нема да заврши нерешено.

ГРУПА Ц: Манчестер Сити (13), Порто (10), Олимпијакос (3), Марсеј (3)

Манчестер Сити го обезбеди првото место во групата, има три бода повеќе од Порто и подобар меѓусебен скор, па без оглед на исходот од последното коло, Сити има „бетонирана“ челна позиција. Порто е сигурно втор, а единствено непознато е кој ќе оди во Лига Европа. Олимпијакос и Марсеј имаат по 3 бода, но Грците се подобри во меѓусебниот скор. Во ова последно коло ќе се сретнат Сити – Марсеј, и Олимпијакос – Порто.

ГРУПА Д: Ливерпул (12), Аталанта (8), Ајакс (7), Митјиланд (1)

Ливерпул е прв во групата и сигурен „патник“ во следната нокаут фаза, а Митјиланд без никакви шанси за надеж се наоѓа на последното место. Ајакс и Аталанта ќе решат кој ќе оди во осминафинале и кој ќе се пресели во Лига Европа, а меѓусебниот натпревар ќе биде одигран во Амстердам.

Се вчитува...