Пелагониското дерби во фокусот: На „Могила“ кога се нема друг стадион!

По постојаното одолговлекување на работите околу реконструкцијата на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, фудбалерите на Победа и оваа сезона ќе бидат принудени да играат на ‘импровизираниот“ стадион „Могила“ во Прилеп на кој и минатата сезона беа принудно домаќини.

Иако е јасно дека „Могила“ не нуди соодветни услови за прволигашки фудбал, овој пат на стартот од новата сезона ќе мора да биде домаќин на секогаш атрактивното пелагониско дерби. Прилепчани го пречекуваат Пелистер, во најинтересниот натпревар од денешната прволигашка програма, желни како што велат да дојдат и до трите бода како најава за една успешна сезона.

„Со нетрпение го очекуваме стартот на првенството, спремни и мотивирани, во одлична атмосфера како што доликува за едно пелагониско дерби. Пелистер ни е должник за ланската сезона, екипа која знае да игра на резултат, знае што сака но ние за разлика од ланската сезона сме далеку подобри“ – вели капитенот на Победа, Давор Талески.

Пелистер ќе биде ослабен на овој дуел без најдобрите свои фудбалери Илијоски и Фернандо…

„Мислам дека нема многу да се почуствува отсуството на Илијоски и Фернандо бидејќи имаат квалитетни замени. Мислам дека во овој дуел иако нема фаворит се зависи од нас самите. Доколку влеземе максимално сконцентрирани и фокусирани во натпреварот и со помош на нашиот 12-ти играч публиката односно навивачите “Мајмуни”, Пелистер нема што да бара во Прилеп. Верувам во моите соиграчи и убеден сум дека ќе покажеме како се гине за црвено белиот дрес. Оваа сезона амбициите ни се поголеми за разлика од минатата, но сепак не треба да се создава голема еуфорија околу тоа прашање. За нас секој натпревар од денеска треба да е како финале. Само со таков пристап Победа ќе оди напред!“ – вели Талески.

ПРВА ЛИГА – 1. КОЛО (денеска, 17 ч.)

Прилеп: ПОБЕДА – ПЕЛИСТЕР

Кратово: СИЛЕКС – СКОПЈЕ

Скопје: ШКУПИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

ВЧЕРА

ШКЕНДИЈА – ВАРДАР 2-0

РАБОТНИЧКИ – РЕНОВА 0-0

Се вчитува...