Пелистер бара враќање на победите, МЗТ Скопје продолжување на победничката низа

Пелистер и МЗТ Скопје денеска го комплетираат четвртото коло од АБА2 лигата со дуелите против Војводина, односно домаќинот на турнирот Осијек.

Први ќе настапат „зелено-белите“ чиј натпревар започнува од 15 часот, а во него избраниците на Марјан Илиевски ќе бараат враќање на победите по убедливиот пораз од МЗТ Скопје. Исто како и битолчани и Војводина по три одиграни натпревари бележи баланс од една победа и два пораза, но српскиот тим влегува на овој натпревар на крилјата на победата на Рогашка.

Пелистер на овој натпревар влегува како фаворит, но ќе мора да го запре добриот проток на топката на противникот како и шутот за три поени кој е главна карактеристика на „црвено-белите“.

Од 18 часот пак МЗТ Скопје се среќава со фенерџијата Осијек. Аеродромци на овој меч влегуваат со цел продолжување на победничката низа по триумфот над „зелено-белите“, но и покрај тоа што ја имаат фаворитската улога против хрватскиот претставник од таборот на „сино-белите“ најавуваат претпазливост.

„Играме против млада екипа која и покрај тоа што има скор од 0-3 знае да биде незгодна и не смееме никако да ги потцениме. Одигравме добро во одбраната со Пелистер и ќе се обидеме повторно да го наметнеме нашиот ритам и контролата врз натпреварот со цел да се вратиме со две победи од Осијек“, изјави за ЕКИПА, Бојан Крстевски.

Се вчитува...