Пелистер е на чекор до финале, Работнички не успеа до „брејк“ во Битола

Пелистер е на еден чекор до ново плејоф финале откако „зелено-белите“ славеа на вечерашниот дуел со Работнички со резултат 84-79, за водство од 2-1 во оваа полуфинална серија. Дуелот беше максимално неизвесен, тензичен за играчите и членовите на стручниот штаб, па поради бесно реагирање од клупата исклучен беше Тодор Гечевски, на почетокот од четвртата четвртина.

Работнички нешто подобро го отвори натпреварот, нападот на „центарци“ функционираше беспрекорно, но Пелистер не дозволи гостите посериозно да се одлепат. Првата четвртина заврши со резултат 21-24, во вториот период битолчани заиграа подобра одбрана и го свртеа резултатот во своја полза, но по една техничка грешка на Мијовиќ и уште една на клупата на домаќините, гостите од Скопје успеаја да се вратат.

На одмор се замина со минимално водство на Пелистер од 43-42 по тројката на Најт со звукот на сирената, како најава за возбудливото второ полувреме „Зелено-белите“ имаа водство во голем дел од мечот, но Работнички успеваше да се врати и се влезе во неизвесна завршница. Клучна беше украдената топка на Планиниќ при една акција кон Рикиќ при „плус два“ за Пелистер. Во следниот напад домаќините реализираа, па следеше лошо додавање на Трајс, по кое стана јасно дека победата ќе им припадне на „пелистерци“, кои се многу блиску до трето финале во низа во домашното првенство.

Магдевски и Мијовиќ со по 18 поени беа најефикасни во таборот на Пелистер, по 12 постигнаа Маслинко, Најт и Планиниќ, додека најдобри кај Работнички во вечерашниот пораз беа Рикиќ со 22 и Трајс со 20 поени.

Следниот натпревар меѓу Пелистер и Работнички повторно ќе се игра во Битола, на почетокот од следната едмица.

Се вчитува...