Пелистер го поправа впечатокот во АБА2 – на стартот во Бања Лука против Младост Земун

Пелистер игра извонредно на домашната кошаркарска сцена, но битолчани се далеку под посакуваното ниво во своето дебитантско издание во АБА2-лигата, каде по првите седум кола се наоѓаат на претпоследното место на табелата со катастрофален скор од една победа и шест порази. Токму затоа, битолчани се надеваат на поправање на впечатокот на третиот турнир што денеска почнува во Бања Лука, на кој „пелистерци“ почнуваат со настап против составот на Младост Земун.

Српскиот состав моментно е третопласиран со скор од пет победи и два порази, но Младост се наоѓа во мини-криза откако ги загуби последните три средби во домашното првенство. Главната опасност по кошот на Пелистер ќе доаѓа од Американецот Ливингстон и српскиот центар Бојиќ, кој до лани настапуваа во македонскиот шампионат носејќи ги дресовите на Куманово, односно МЗТ Скопје.

„Наша цел е да се претставиме во што подобро светло и да забележиме најмалку една победа на овие натпревари во Бања Лука. Во ситуација кога пред нас е период во кој ќе следи и битката за трофеи на домашната сцена, се надеваме дека ќе немаме и нови проблеми со повреди“, истакнуваат од таборот на Пелистер.

Се вчитува...