Пелистер го пријави учеството во АБА2 лигата

Македонскиот вицешампион Пелистер и во наредната сезона ќе се натпреварува во АБА2-лигата, одлучи раководството на битолскиот прволигаш.

„Зелено-белите“ минатата сезона дебитираа во регионалното натпреварување и не успеаја да обезбедат учество на завршниот турнир, но се надеваат на поголем успех во наредната сезона, во која АБА2 речиси сигурно повторно ќе се игра на турнирски систем.

„Сакам да ја информирам целокупната битолска и спортска јавност дека КК Пелистер и оваа година ќе игра во АБА2 лигата, се со цел да покажеме континуитет во ова исцрпувачко натпреварување, како град, клуб и раководство. Веќе имаме една година искуство и знаеше дека воопшто лесно да се биде дел од две натпреварувања со недоволен број на квалитетни играчи и со проблеми во здравствениот билтен на кошаркарите. Сепак, Битола покажа дека кошарката во градот знае да ја испочитува, дадена и поддршка и награда за сработеното. Особено сум горд што визијата за кошарката е променета за првпат и тоа дава уште поголем мотив за мене, да придонесам за овој спорт во нашиот град, нашиот клуб да биде уште пореспектабилен и на меѓународна сцена. Јас како спортски директор без разлика на пречките со кои се соочувам, секогаш ќе се обидам да го предложам и аргументирам најдоброто за кошарката и она што значи чекор повеќе за нашиот КК Пелистер“, изјави директорот на битолскиот клуб, Мартин Јовановски.

Покрај Пелистер, претставник на мак-баскетот во новата сезона од АБА2 лигата се очекува да биде и актуелниот освојувач на Купот на Македонија, тимот на ТФТ.

Се вчитува...