Пелистер ќе ја чува предноста на домашен терен, актуелниот шампион по „брејк“ во Битола

Борбата за титула продолжува денеска од 16 часот со првиот четвртфинален натпревар од серијата помеѓу лидерот на регуларниот дел од сезоната, Пелистер и бранителот на титулата МЗТ Скопје.

Битолските „зелено-бели“ по фантастичниот прв дел од сезоната во кој 14 пати ја надминуваа границата од сто постигнати поени, не блеснаа и во продолжението. Во Купот на Македонија беа елиминирани на самиот старт, но следеше рехабилитација во четвртфиналето од плеј-офот и двете сигурни победи над Академија ФМП, но сега Пелистер се соочува и со смена на тренерското место пред самата полуфинална серија.

Во таборот на тимот од „Боро Чурлевски“ владее оптимизам, новиот тренер немаше доволно време да ја промени играта па она што го красеше Пелистер досега ќе продолжи да биде ударната сила во борбата за титула.

„Нашата екипа влегува во натпреварот максимално мотивирано. Имавме многу разговори како екипа по неуспехот во Купот кој сега е далеку зад нас и ќе го искористиме тоа како мотивација да направиме нешто повеќе во првенството. Свесни сме за нашите квалитети. Во текот на целото првенство сме на чело на табелата и со таа мислам влегуваме во плејофот. Натпреварите со МЗТ Скопје оваа сезона беа многу изедначени така да очекуваме тоа да биде така и во оваа серија. Ги знаеме нивните предности и нивните слабости. Можеби во нашата игра ќе има некоја новост, но акцентот ќе остане на нашата брз игра која ни носи резултат цела година. Се надевам дека сите играчи ќе останат здрави што е најбитно па нека победи подобриот“, изјави Бобан Стајиќ.

За разлика од Пелистер кој својот последен натпревар го одигра пред пет дена, МЗТ Скопје на овој дуел влегува на крилјата на неделната победа во „мајсторката“ над Куманово. Одморот нема да биде во полза на „сино-белите“, но избраниците на Радуловиќ го имаат искуството на своја страна, а тоа го докажаа и на Купот на Македонија.

Добра вест за „сино-белите“ е тоа што на овој меч ќе можат да сметаат на Бојан Крстевски и Дамјан Стојановски кои на мечот против Куманово се пожалија на повреда, но сепак останува проблемот со повредата на Иван Карачиќ кој во Куп дуелите и четвртфиналната серија беше еден од клучните играчи на скопскиот состав во дефанзивата.

„После тешката серија против секогаш незгодната екипа на Куманово немавме многу време да се подготвиме за Пелистер. Овие неколку дена ги искористивме за одмор и регенерација на нашите тела, како и санирање на повредите. Очекувам добра кошарка, неизвесни натпревари и секако нека победи подобриот“, изјави Андреј Магдевски.

Меѓусебните дуели помеѓу овие две екипи во регуларниот дел од сезоната беа одлучени на само една топка. Пелистер го одбрани домашниот терен, додека МЗТ Скопје возврати во вториот натпревар. Дали аеродромци ќе успеат да направат „брејк“, или пак битолчани ќе ја задржат предноста на домашен терен останува да видиме.

Се вчитува...