Пелистер на мегдан со Широки Бријег – пеколен распоред за битолчани до крајот на годината

Кошаркарите на Пелистер со денешниот дуел против Широки Бријег (18 часот), го почнуваат својот настап на третиот турнир од АБА2 лигата, што се одржува во Сараево. Воедно, за битолчани овој меч е почеток на пеколната серија од пет натпревари во кои  „пелистерци“ ќе играат надвор од својата сала, со оглед на фактот дека по овој турнир во Сараево избраниците на тренерот Илиевски до крајот на годинава ги очекуваат и две тешки гостувања во домашното првенство, против ТФТ и МЗТ Скопје.

„Зелено-белите“ се уште се перфектни во Првата лига, но во АБА2 досега резултатите се под посакуваното ниво, со скор од една победа и три порази во првите четири рунди. Клубот во изминатиот период се соочи со доста турбуленции по заминувањето на целокупната управата. Неизвесноста околу продолжението на проектот исчезна откако Пелистер ја доби поддршката и од новата градска власт во Битола, но до комплетирањето на новата управа и целосното преземање на клубот организацискиот товар паѓа на грбот на стручниот штаб на чело со тренерот Марјан Илиевски.

Згора на тоа, Илиевски се соочува со сериозни проблеми во пресрет на овој пеколен период. Двајцата македонски играчи, Стојан Ѓуроски и Бојан Трајковски, поради повреди нема да можат да настапат во Сараево, а на повреди се жалат уште неколку кошаркари на битолскиот клуб.

„Ситуацијата е таква каква што е, наше е да излеземе на терен и да одиграме најдобро што знаеме. Секако дека на секој меч ќе се обидеме да стигнеме до што подобар резултат, иако противниците со кои ќе се сретнеме не се нималку наивни. Посакувам здравствениот биланс да биде позитивно наклонет бидејќи навистина пеколен е ритамот да се одиграат шест натпревари во 15 дена вклучувајќи го и мечот со Гостивар“, порачуваат од таборот на Пелистер.

Битолчани по денешниот меч со Широки Бријег во Сараево ќе одиграат уште две средби, в среда против Борац Бања Лука и в сабота против екипата на Златибор.

Се вчитува...