Пелистер не запира: Бабиќ го бара и Мирко Алиловиќ!

Ангажманот на Жељко Бабиќ за нов тренер на Пелистер очекувано значи и насочување кон „хрватскиот пазар“ на ракометари во пресрет на новата сезона. Битолчани значително ја засилија бековската линија со ангажманот на Стипе Мандалиниќ, но последните информации говорат дека „пелистерци“ нема да запрат тука, туку ќе донесат уште поголемо засилување – голманот Мирко Алиловиќ.

Извори блиски до битолскиот клуб потврдуваат дека е остварен контакт, а искусниот чувар на мрежата во најскоро време ќе пресече дали да остане во Пик Сегед, или пак кариерата да ја продолжи во амбициозниот македонски проект. Во главна улога е тренерот Бабиќ, кој по заминувањето на Никола Митревски инсистира на донесување на врвен голман во тимот, а Алиловиќ се наоѓа на врвот од листата со желби на хрватскиот стратег. Двајцата имаа беспрекорна соработка во хрватската репрезентација додека Бабиќ беше селектор, па сега на овој стратег е да го убеди голманот да му се приклучи во Битола.

„Пелистерци“ најавуваат атак на трофеи, а доколку успеат да го обезбедат и ова големо засилување, нема сомнеж дека ќе му биде и повеќе од сериозен ривал на Вардар во наредната натпреварувачка сезона.

Се вчитува...